Tuesday, December 7, 2010

Аргентинска торта


Кора:
4 јајца
4 кажици шеќер
2 рамни лажици какао
2 лажици остро брашно
Фил:
250 г маргарин со вкус на слатка павлака
200 г шеќер во прав
100 г истопено чоколадо за готвење
3 јајца
100 г мелени печени лешници
100 г еуро крем или друг нугат крем
Прелив:
2 кесички шлаг пена со вкус на слатка павлака
1 кесичка кремфикс
200 мл минерална газирана вода за шлагот
Подготовка: кора: изматете ги жолчките со шеќерот, додајте какао, брашно и на крај, со лажица, нежната пена од белките. Кората истурете ја во помал правоаголен плех намачкан со масло и наросен со брашно. Кората печете ја во рерна загреана на 200 степени додека кората не почне да се одвојува од рабовите на тавата. Префрлете ја кората на чиста кујнска крпа и оставете да се излади.
За филот на пареа матете ги јајцата со 100 г шеќер во прав, да добиете густ крем. Посебно изматете го маргаринот со останатиот шеќер во прав, додајте го изладениот крем од јајцата и се убаво соединете - изматете, додајте ги и останатите состојки - чоколадо, лешници и еурокрем, измешајте.
Изладената кора ставете ја во тавата или друг соодветен сад и нанесете го филот. Префрлете во фрижидер малку да се излади и стегне. Изматете ги шлаг пените според  упатството и кремфиксот за да добиете цврст шлаг. Нанесете над филот, израмнете и се повторно, до служење, вратете во фрижидер.
П.С. Не се вознемирувајте доколку кората ви излезе брановидна како на фотографијата, може и тоа да се случи и не е страшно. Но, интересно е - сигурно.

Оревници


Потребно е:
6 тенки кори за баклава
3 јајца
една чаша кисела павлака
3 лажици шеќер (или по вкус)
1 филџан (од кафе) масло
1 длабока чинија мелени ореви

Плус:
шеќер во прав
ванилин шеќер

Подготовка: со миксер изматете ги јајцата со шеќерот, вмешајте ја со вилушка изматената кисела павлака и мелените ореви да добиете густина како на фотографијата.
Корите ставете ги една врз друга и исечете на 4 дела, да добиете 24 парчиња. Секоа парче - лист кора намачкајте го (со четка) со масло, обилно нанесете од смесата со ореви и завиткајте како ролат, а потоа обликувајте полжав. На средина на секој полжав ставете по една јатка орев.

Плехот за печење намачкајте го со масло и наредете ги полжавите. Лесно по површината намачкајте ги со масло и ставете да се печат во рерна загреана на 200 степени. По десетина минути намалете ја температурата на 150 степени и завршете го печењето.
Испечените полжави - оревници оставете ги да се изладат а потоа валкајте во шеќер во прав замирисан со ванилин шеќер.