Thursday, September 3, 2009

Многу печива

















Состојки
  • Кифлички со сирење
  • 1 кг брашно, 3 - 4 јајца, 40 г квасец
  • 2 лажички сол, 1 лажичка шеќер, 250 мл млеко
  • 250 мл вода, 1 филџан масло, 250 г маргарин
  • сирење за филување, јајце за мачкање на кифлите
  • Полнети принцес крофни
  • Тесто:3 филџани (од кафе) вода, 3 филџани масло
  • ½ лажичка сол, ½ кесичка прашок за печиво
  • 200 г брашно, 3 јајца
  • Фил:500 г бело сирење, 200 г кисела павлака
  • 2 црвени печени пиперки или 100 г ајвар, 2 чена лук, сол, црн пипер
  • Шпанска пита
  • 4 јајца, 2 филџани (од кафе) масло, 2 филџани млеко, 200 г кравјо сирење, 7 лажици брашно, 1 кесичка прашок за печиво
  • 3 сечкани црвени кисели пиперки, 5 сечкани кисели краставички, 200 г сечкани пилешки гради или шунка, сол, црн пипер
Стапчиња со сусам и афион: 2 чаши (од јогурт) масло, 2 чаши бело вино, 2 лажички сол, 2 кесички прашок за печиво, 1 кг брашно (по потреба може и повеќе), изматена белка, изматена жолчка, афион, сусам.
Полнети перничиња: Тесто:30 г квасец, 400 г брашно, 1 лажичка сол, 1лажичка шеќер, 100 г маргарин, 2 јајца, 125 мл млеко. Фил:250 г рендан кашкавал, 200 г чадена шунка, 200 г кисела павлака, 1 жолчка. За мачкање:1 жолчка
Канапеи: крекери, маргарин, тенко сечен чаен колбас, сечкана пилешка шунка (може и свинска), тенко сечен кашкавал, полнети зелени маслинки сечени на кругови.
Мафини со печурки: 500 г свежи шампињони, 1 главичка кромид, 5 јајца, 20 лажици брашно, 400 мл јогурт, 1,5 кесичка прашок за печиво, зачинска сол, црн пипер, сечкан магдонос
Погачки: 250 г маргарин, 250 г сирење, 300 г брашно, 1 јајце, 1 кесичка прашок за печиво Питулици: 250 г брашно, 2 јајца, 50 г маргарин, сол, масло, 1 лажица сув квасец

Постапка за изработка: Кифлички со сирење:квасецот со една лажичка шеќер и една лажичка брашно растопете го во млакото млеко и вода. Во поголем сад ставете го исеаното брашно, направете вдлабнување па истурете ги маслото, јајцата, 2 лажички сол и стасаниот квасец. Се убаво замесете и продолжете да месите се додека тестото не престане да ви се лепи за рацете. Обликувајте го и оставете 35 - 40 минути да стасува. Потоа тестото премесете го и поделете на половина. Од првото тесто направете 6 - 7 топчиња. Секое расукајте го и рендајте маргарин па ставајте нова кора. Од сите кори исукајте една голема и поделете ја на 16 делови (сечете како за кифлички). На секоја ставајте по малку сирење и виткајте кифла. Редете ги во плех од шпорет намачкан со масло. Истата постапка повторете ја и со втората половина тесто. Секоја кифличка намачкајте ја со изматено јајце. Печете ги 7 - 8 минути во рерна загреана на 250 степени, а потоа намалете ја температурата на 180 степени и завршете го печењето. Полнети принцес крофни:водата, маслото и солта ставете ги во сад и оставете да зовријат. Полека истурајте го брашното и мешајте да не ви се направат грутки. Пржете го тестото додека не почне да се одвојува од страните на садот. Тргнете го садот на страна и оставете потполно да се излади. Тогаш додајте ги печивото и јајцата, едно по едно. Додајте едно јајце па месете, повторно јајце да добиете "житка" смеса. Плех за печење намачкајте со маргарин и со лажичка ставајте од тестото. Принцес крофните печете ги околу 30 минути во рерна загреана на 200 степени. Кога принцес крофничките потполно ќе се изладат исечете ги при врвот и полнете со подготвената салата. Фил: изрендајте го сирењето па измешајте со киселата павлака. Лукот истолчете го па вмешајте го заедно со ајварот или иситнетите пиперки. Проверете на вкус и по потреба зачинете со сол и црн пипер. Шпанска пита:изматете ги јајцата, млекото, маслото па додајте ги сите други состојки. Смесата истурете ја во правоаголен плех намачкан со масло и посипан со брашно. Испечете на средна температура. Откако ќе се излади исечете ја на коцки и послужете. Стапчиња со сусам и афион:од наведените состојки замесете меко тесто кое не се лепи за рацете. Поделете го на три дела. Секој дел, на побрашнета работна површина расукајте го во дебелина на молив. Горната страна намачкајте ја со изматена белка и посипете со афион. Превртете на другата страна. Сега горната површина намачкајте ја со изматената жолчка и посипете со сусам. Сечете на стапчиња, сами одредете ја должината, и виткајте ги па редете во тава намачкана со масло. Повторете ја постапката и со другите две теста. Подготвените виткани стапчиња печете ги околу 20 минути во рерна загреана на 200 степени. Полнети перничиња:тесто: истопете го квасецот во млекото, додајте му 1 лажичка шеќер, 1 лажичка брашно па оставете да стасува. Маргаринот изматете го пенесто па матете го уште малку со јајцата. Додајте го стасаниот квасец, 1 лажичка сол и брашното. Убаво измесете го тестото на побрашнета работна површина и веднаш расукајте го во правоаголна кора и сечете квадрати. На средина на секој ставајте по една лажица од филот, Краевите од квадратот соберете ги на врвот. Перничињата намачкајте ги со жолчка изматена со неколку капки вода и наредете ги во плех намачкан со маргарин. Печете ги на 200 степени. Најдобро е да ги ставите во ладна рерна па потоа да ја вклучите. Фил: измешајте ги ренданиот кашкавал, ситно сечканата шунка, павлаката и жолчката. Канапеи:секој крекер намачкајте го со тенок слој маргарин па ставете чаен колас, па едно парче кашкавал, шунка и маслинка. завршете со чепкалка. Мафини со печурки:исчистените и измиени печурки ситно исечкајте ги и издинстајте со ситно сечканиот кромид. Зачинете со сол, зачинска сол и црн пипер. Оставете да се излади. Изматете ги јајцата, брашното, јогуртот и печивото. Во изматената и изедначена смеса додајте ги изладените печурки. Се убаво измешајте и смесата истурајте ја во калапи за мафини (ако имате од помалечките) или во алуминиумски модли намачкани со маргарин. Испечете ги на средна температура. Овие мафини можете да ги служите и топли и ладни. Погачки: маргаринот убаво изматете го, додајте го иситнетото сирење, едно цело јајце и брашното измешано со печивото. Убаво измесеното тесто расукајте го на побрашнета работна површина и со модли (со разни форми) сечете погачки. Наредете ги во тава намачкана со маргарин, намачкајте ги со изматена жолчка (со неколку капки вода), посипете со сусам и испечете на средна температура. Питулици:од брашното, јајцата, маргаринот, квасецот и сол со вода замесете тесто. Месете го подолго да ви се одлепува од рацете. Потоа рацете намрсете ги, обликувајте малечки топчиња и оставете ги да стојат половина час. Со дланките сплескајте го секое топче и ставајте го да се прзи на малку загреано масло. Пржете ги од секоја страна а потоа редете на кујнска хартија да им се впие одвишната маснотија.

No comments:

Post a Comment